
Филипче го соопшти новото раководство на СДСМ: Формираме тим за враќање на власта во рацете на граѓаните
На вечерашната седница на Централниот одбор на СДСМ беше избрано новото партиско раководство.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, соопшти дека Александар Димитријевиќ останува генерален секретар на партијата, додека функцијата организациски секретар повторно ќе ја извршува Љупчо Фармаковски.
За членови на Извршниот одбор беа избрани Андреј Жерновски, Симона Цветановски, Рената Младеновска, Дејан Николовски, Јон Фрчкоски, Наташа Попоска и Петар Огњеновиќ.
Формиран е и Советодавен совет на партијата, кој ќе го предводи поранешната потпретседателка на СДСМ, Ана Чупевска.
Фани Каранфиловска Пановска останува заменик-претседател на партијата, додека нејзината оставка, како што беше посочено, дополнително треба да ја констатира Конгресот.
Според Филипче, во новиот Извршен одбор има комбинација од млади и искусни партиски кадри, при што поискусните членови ќе имаат задача да го пренесат своето знаење и искуство на помладите.
На прес-конференцијата, Филипче истакна дека станува збор за тим кој влегува во, како што рече, „храбра и одлучна борба“ против актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН. Тој додаде дека СДСМ ја проширува својата платформа и ќе соработува со граѓански организации, независни поединци и интелектуалци.
„Го формиравме и Советот на партијата кој ќе има улога во привлекување слободоумни луѓе што ги делат нашите вредности. Нашиот фронт, кој го објавуваме вечерва, постепено и сигурно ќе расте, затоа што се подготвуваме власта да ја вратиме во рацете на граѓаните“, изјави Филипче.
Тој порача дека СДСМ ќе се спротивстави на, како што наведе, политиките на изолација од Европа, корупцијата и криминалот, како и на проектите кои, според него, значат штета за државните интереси.
