
ФФМ: Собрание без кворум и без организатори – сериозен пропуст во ОФС Кичево
Вонредното изборно собрание на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Кичево, закажано за 23 јануари во Кнежино, не се одржа поради недоволен кворум, но и поради отсуство на организаторите кои го иницираа состанокот, соопшти денеска Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Собранието официјално беше свикано од претседателот во оставка на ОФС Кичево, Марјан Ристевски, и беше закажано за 18 часот во „Куќа на уметноста“ во кичевско Кнежино. Според ФФМ, овластени претставници на федерацијата навремено присуствувале на закажаниот термин, но состанокот не започнал поради немање услови за работа и одлучување.
Дополнителен преседан, како што наведува федерацијата, претставува фактот што на собранието не се појавиле ниту иницијаторите – Ристевски, потпретседателот Џевдет Далипи и делегатот Муамед Сејдини.
„Отсуството на лицата кои го иницираа вонредното изборно собрание претставува крајно несоодветен однос кон процесите на управување во ОФС Кичево и ја потврдува нарушената организациска структура“, стои во соопштението на ФФМ.
Федерацијата најавува дека ќе постапува согласно сопствените надлежности и важечките акти, а состојбата во ОФС Кичево дополнително го отвора прашањето за неговото понатамошно функционирање.

