
ЕВРОПА ЈА ОЧЕКУВА ТЕЖОК ВЕЛИГДЕН: Невиден скок на цената на јајцата
Велигден се ближи, што значи дека се повеќе се купуваат велигденски јајца во земјите низ Европа. За потрошувачите, пак, купувањето на оваа традиционална храна годинава ќе претставува голем удар за буџетот на домаќинството, бидејќи нивните цени драстично пораснаа.
Инфлацијата е висока во речиси сите европски земји и не е ограничена само на прехранбените производи. Но, тоа е особено изразено кога станува збор за јајцата, кои во Европската унија поскапеа за цели 31 отсто во текот на минатата година.
Поскапувањето на јајцата е најголемо во Чешка, каде што чинат двојно повеќе од лани, а потоа следат Унгарија (79,2 отсто) и Словачка (78,8 отсто), пишува германски „Билд“.
Најмал пораст е забележан на Кипар (13,5 отсто), додека во најголемата европска економија, Германија, тој е 16,6 отсто.
Кога станува збор за сите прехранбени производи, стапката на инфлација во Германија во февруари годинава изнесува 22,3 отсто, што е над европскиот просек од 19,5 отсто.
Според „Билд“, пакување од десет јајца со средна големина во Германија денес во просек чини 2,02 евра, што е зголемување за речиси 30 центи во однос на март минатата година, кога истиот производ чинеше 1,75 евра.

