
ЕСМ се задолжи со уште 30 милиони евра
Државното електростопанство се задолжи со уште 30 милиони евра, овој пат со кредит од Халк банка, откако Министерството за финансии ја даде потребната гаранција која е објавена во Службен весник.
Кредитот е со каматна стапка од 4, 2 проценти и грејс-период од две години, што значи дека ќе започне со отплаќање во 2027 година. Рокот за враќање на кредитот е до 2035 година.
За овој заем пред извесно време информираше и директорот на ЕСМ, Лазо Узунчев, на брифинг со новинарите. Кажа дека парите се потребни за плаќање на доспеани обврски и за ликвидност на компанијата која извесен период е нарушена.
Минатата година ЕСМ ја заврши со загуба од 123 милиони евра, а истата година зема и кредит од 82 милиони евра од неколку домашни банки.