
ЕСМ купува струја од најмалку 12 милиони евра за три и пол недели
АД ЕСМ во огласи за набавка на електрична енергија за периодот од 21 декември до 14 јануари бара од приватните трговци да купи струја од неверојатни 126.000 мегаватчасови.
Доколку електричната енергија од снабдувачите се купува, под претпоставка, по 100 евра од мегаватчас, иако и тоа би било под идеални околности, трошоците за три и пол недели во овој период од грејната сезона би изнесувале повеќе од 12 милиони евра.
Главната набавка е поделена на шест лота, од кои два од 21 до 31 декември, вторите два од 1 до 7 јануари, додека последните два се распределени од 8 до 14 декември и се плаќа авансно. За периодот од 21 декември до Нова Година се бара најголемо количество од дури 51.000 мегаватчасови. Има и уште една посебна вонредна набавка за периодот од 24 до 26 декември во која се бараат 10.080 мегаватчасови.
Инаку педесет и седум евра за мегават-час е цената што ЕСМ ја понуди на тендерот на Универзалниот снабдувач, „ЕВН хоум“. По оваа цена, во првите шест месеци од наредната година, државните електрани ќе ја продаваат својата електрична енергија за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Цената што ја понуди ЕСМ е за 7,5 отсто повисока од сегашната која изнесува 53 отсто и која беше добиена во јуни годинава. ЕСМ за цената од 57 евра за мегават-час ќе покрива 95 отсто од вкупно планираните количини.
Од она што е познато во јавноста, иако нема официјална потврда, надвор од функција е првиот од трите блока на РЕК Битола. Од опозицијата пред неколку дена реагираа дека Блок 2 и Блок 3 немаат јаглен за работа и работат со максимална потрошувачка на мазут и малку јаглен со половина моќност на граница на технички минимум, за што се очекува и реакција од раководството на државните електрани.
Од опозицијата ги повикаа Јавното обвинителство, Државниот пазарен инспекторат, Царината и другите инспекциски институции да направат испитување на состојбата, затоа што се прават милионски трошоци и се зголемува нивото на загадување.
А.К.
