
ЕСКОБАР БЕЗ ОПТИМИЗАМ ЗА СРБИЈА И КОСОВО: Треба уште многу за да има договор
Претставникот на
Соединетите Американски Држави, Габриел Ескобар изјави дека исходот од
дијалогот меѓу Косово и Србија е се уште далеку и дека треба многу да се работи
пред да се постигне договор меѓу двете страни.
По средбата меѓу
косовскиот премиер Аљбин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ, тој
за ТВ Канал 10 изјави дека денеска ќе ги изнесе деталите од средбата во Брисел
и донесените заклучоци, одбивајќи да зборува конкретно за деталите.
Вчера Ескобар
имаше одвоени средби со Курти и Вучиќ и со нив разговараше за постигнување
договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Шефот на
европската дипломатија, Жозеп Борел, по средбата со претседателот на Србија и
со премиерот на Косово, изјави дека Вучиќ и Курти се согласиле дека не се
потребни нови разговори за предлогот на Европската унија.
Косовскиот
премиер по вчерашните средби изјави дека е подготвен да го потпише договорот,
но дека другата страна одбила.
Вучиќ, пак, рече
дека темата на средбата не бил европскиот предлог, туку планот за
имплементација и исполнувањето на претходно потпишаните договори.
Вучиќ најави дека
ќе продолжат разговорите меѓу Белград и Приштина. Двете страни ќе разговараат
со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, како дел од
подготовките за следната средба, која треба да се одржи на 18 март, во
Македонија каде потоа ќе престојува Борел.
Претседателот на
Србија рече и дека до 23 и 24 март, кога ќе се одржи Европскиот совет, ЕУ ќе
има извештај дали Белград и Приштина постигнале нешто и соодветно ќе ги
третираат евроинтеграциите на двете страни.

