
Ќерката прегазила дете: Кумановка загуби 30.000 евра на измама
Шестидеесет и петгодишна жена станала нова жртва на измама во Куманово, откако останала без 30.000 евра. Таа верувала на измамник кој ја убедил дека нејзината ќерка прегазила дете, а тој сакал да помогне да не одговара пред законот.
Според извештајот од СВР Куманово, настанот се случил вчера во 14:30 часот, кога 65-годишната жена пријавила дека била измамена од непознато лице и му предала 30.000 евра.
„Измамникот се јавил на телефон, претставувајќи се како полициски службеник, и ја известил жената дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна незгода во која прегазила дете мигрант, и ќе треба да плати одредена сума пари за да не биде кривично гонета. Таа ги донела парите на договореното место, а подоцна, кога се слушнала со ќерка си, сфатила дека е измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти полицијата.
Истата измама беше пријавена и од тројца пензионери, кои во текот на вчерашниот ден претрпеле оштетувања од 250.000 денари, користејќи ја истата тактика.
Во текот на 2024 година во Куманово биле регистрирани две измами поврзани со сообраќајни несреќи. Полицијата апелира на повозрасните лица да бидат особено внимателни кога ќе им се јавуваат непознати, да не им веруваат на лажни услуги и да пријават секој сомнителен случај на телефонскиот број 192.
