
Ер Србија ќе уплати 20 милиони евра во државниот буџет по добрите резултати
Компанијата „Ер Србија“ најави дека поради добрите деловни резултати годинава во државниот буџет ќе уплати 20 милиони евра, врз основа на средства добиени преку постапката за докапитализација.
Република Србија ја изврши докапитализацијата на српската национална авиокомпанија во согласност со европските и домашните регулативи во декември 2020 година и септември 2022 година, како мерка за елиминирање на деловните нарушувања предизвикани од пандемијата, пренесува Бета.
Според прелиминарните финансиски извештаи, во првото полугодие е забележана добивка од 22,4 милиони евра, што е на ниво на добивка за целата 2022 година.
По втората докапитализација, државата го зголеми сопственичкиот удел во компанијата на 83,6 отсто, додека уделот на Етихад Ервејс од Обединетите Арапски Емирати е намален на 16,4 отсто.
Во првата половина од оваа година „Ер Србија“ превезе речиси 1,7 милиони патници, што е за 87 отсто повеќе од лани, односно 59 отсто повеќе во споредба со рекордната предпандемиска 2019 година.
Во однос на вкупниот број на патници кои патувале преку белградскиот аеродром, уделот на патниците на Ер Србија е речиси половина. Само во јуни пазарниот удел на Ер Србија на патници на белградскиот аеродром беше 55 отсто.
Компанијата во првата половина од годината остварила 19.181 лет, што е за 63 отсто повеќе од истиот период лани или за 38 отсто повеќе од првите шест месеци од 2019 година.
