
ЕПОЛЕТИТЕ И СРПСКОТО ЗНАМЕ ГИ НОСЕШЕ ПРЕВРТЕНИ НАОПАКУ: Началничката на полициската управа во Смедерево вака се појави на телевизија
Началничката на полициската управа во српскиот град Смедерево, Весела Миловановиќ, привлече големо внимание со гостувањето на локалната телевизија и стана ѕвезда на социјалните мрежи, пренесува Нова.рс. Луѓето ги коментираат необичните детали на нејзината свечена униформа. Гостувањето е од минатата недела, а тема на разговор беа масовните убиства кои се случија во Србија.
Фотографиите брзо се проширија на социјалните мрежи, а реагираше и полицискиот синдикат Слога Ужице, кој ја обвини за „нарушување на угледот на полицијата и кршење на службените должности“.
„Таа мораше да го знае редоследот на боите на српското знаме и како се ставаат еполетите на рамениците. Во овој случај гледачите можеа да видат дека чиновите се наопаку поставени, а знамето на Србија е превртено наопаку, па личеше на знамето на Руската Федерација“, велат оттаму.
Додаваат дека со таквото однесување началничката на полициската управа Смедерево направила повреда на службената должност пропишана со член 206 став 1 точка 5 од Законот за полиција.
