
Во Билбао се играше два дена – Барса потклекна пред браќата Вилијамс (ВИДЕО)
Херои на составот од Баскија беа браќата Инаки и Нико Вилијамс, кои беа стрелци на клучните погодоци во дополнителното време. Првиот погоди во 105. минута со малку среќа откако топката по првиот шут му се врати од стативата, додека вториот стави крај на надежите на Каталонците во последната минута од мечот. Претходно Гурузета го донесе домаќинот во водство уште во првата минута, за Барса потоа со феноменалниот гол на Левандовски со блок на противничкиот голман и со одличниот удар на Ламин Јамал да направи пресврт за водство по првото полувреме.
Санкет на стартот од второто полувреме го изедначи резултатот на 2-2, кој остана на сила до крајот на регуларниот дел. Трагичар во таборот на составот од „Камп Ноу“ е 16-годишниот Јамал, кој двапати во вториот дел излезе сам пред противничкиот голман, но ги промаши двата зицери, откако неговите удари завршија надвор од рамките на голот.
Атлетик со овој триумф им се приклучи на Реал Сосиедад и на Мајорка, кои претходно обезбедија место во најдобрата куп-четворка, а последниот полуфиналист ќе биде познат денеска по средбата помеѓу Атлетико Мадрид и Севилја.