
Владата без одлука за „есенската кошничка“, Мицкоски вели следната недела
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека Владата на вчерашната редовна седница не донела одлука за ограничување на цените на одредени прехранбени производи во рамки на таканаречената „есенска потрошувачка кошничка“. На точка од седницата се нашол предлогот на министерот за економија Бесар Дурмиши.
– Проблемот е во тоа што стопанските комори уште не ни испратиле свој став. Ние не го знаеме нивниот став, а тоа значи дека ние ќе тераме по нашето темпо и следната недела ќе ја донесеме одлуката, рече денеска Мицкоски како одговор на новинарско прашање.
Дурмиши најави дека на владина седница ќе ја предложи есенската кошница во која треба да се најдат околу 100 производи чии цени треба или да се замрзнат или да им се ограничат маржите. Премиерот Мицкоски, пак, претходно рече дека сеуште размислуваат со која опција да одат и дека ќе има широка дебата со бизнис заедницата. Според последните статистички податоци, инфлацијата изнесува 2,2 отсто во август.