
ВИДЕО Роботи трчаа полумаратон со луѓе во Кина
Дваесет и еден робот налик на луѓе им се придружи на илјадници учесници на полумаратонот Јижуанг во Пекинг, Кина – првпат машини да се натпреваруваат со луѓе на трка долга 21 километар.
Роботите од кинески производители како DroidVP и Noetix Robotics се во различни форми – некои се пониски од 120 сантиметри, а некои високи и до 180 сантиметри.
Една компанија се пофали дека нејзиниот робот речиси целосно личи на човек, има женствени карактеристики и може да намигнува и да се насмевнува. Компаниите ги тестирале своите роботи со недели пред трката. Надлежните во Пекинг настанот го опишаа како нешто што повеќе наликува на автомобилска трка, имајќи ги предвид инжинерските и навигациските тимови присутни на лице место.
„Роботите трчаат многу добро и стабилно. Имам чувство дека сведочам на еволуцијата на роботите и вештачката интелигенција“, изјави гледачот Хе Сишу.
Роботите беа придружувани од човечки инструктори, од кои некои мораа физички да им помогнат на машините за време на трката. Неколку роботи носеа патики за трчање, еден имаше боксерски ракавици, а друг носеше црвена лента на главата со натпис „Сигурно ќе победам“ на кинески.
Сепак, човекот беше побрз.
Победничкиот робот беше Tiangong Ultra од Иновацискиот центар за хуманоидна роботика во Пекинг, кој ја заврши трката за два часа и 40 минути. Од друга страна, маратонец човек ја заврши трката за еден час и две минути. Некои роботи, како Tiangong Ultra, успеаја да ја завршат трката, додека други имаа потешкотии уште од самиот почеток. Еден робот падна веднаш на стартната линија и лежеше неколку минути пред да стане и да продолжи. Друг се судри со ограда по само неколку метри трчање.
Иако хуманоидни роботи се појавуваа на неколку маратони низ Кина во изминатата година, ова е првпат тие навистина да се тркаат со луѓе. Кина се надева дека со инвестиции во индустрии како роботиката ќе создаде нови двигатели на економски раст. Сепак, некои аналитичари се сомневаат дали учеството на роботи во маратони е сигурен показател за нивниот индустриски потенцијал.
„Интересно, но не покажува многу во поглед на корисна работа“
Алан Ферн, професор по компјутерски науки, вештачка интелигенција и роботика на Универзитетот во Орегон, изјави – спротивно на тврдењата на пекиншките функционери дека ваквите трки бараат технолошки пробиви – дека софтверот за трчање на хуманоидни роботи е развиен и презентиран уште пред повеќе од пет години.