
ВИДЕО Авион на „Turkish Airlines“ удри со опашката на пистата при слетување во Прага
На социјалните мрежи се појави видео од моментот кога авион на Turkish Airlines од типот Airbus A321-271NX доживеа удар со опашката (tailstrike) при обид за слетување и повторно полетување (go-around) на аеродромот „Вацлав Хавел“ во Прага, во неделата.
На видеото, се гледа како авионот, при обид да слета, ја допира пистата со задниот дел од трупот, по што пилотите веднаш иницираат повторно полетување. Засега нема информации за повредени патници или членови на екипажот.
Според првичните податоци, станува збор за безбедносна процедура што пилотите ја применуваат во ситуации кога условите за безбедно слетување не се целосно исполнети. Ваквиот тип инциденти, иако ретки, може да предизвикаат оштетувања на структурата на авионот и бараат темелна техничка проверка.
Турскиот превозник сè уште нема излезено со официјално соопштение, а надлежните служби во Чешка спроведуваат истрага за настанот.