
ЈУРАТОВИЌ: Вучиќ со овие избори дефинитивно го загуби целиот кредибилитет
Пратеникот во Бундестагот, Јосип Јуратовиќ за српскиот весник Нова, вели дека со ваква политичка постава во Србија речиси е невозможно да се соработува.
Јуратовиќ во интервјуто нагласи дека во петте мандати не видел изборни нерегуларности какви што беа забележани во Србија на последните парламентарни и локални избори и дека треба да инсистира на повторување на изборите.
„Вучиќ со овие избори дефинитивно го загуби целиот кредибилитет, не само во ЕУ и на Запад, туку и на глобално ниво. Човек кој ја води политиката и државата на таков начин не може да биде сигурен партнер за било кој“, вели тој.
Со денови има протести во Србија. Граѓаните и опозицијата се жалат дека изборите се украдени, затоа што власта носела гласачи од Република Српска.
Една од лидерите на најголемата опозициска коалиција во Србија, Мариника Тепиќ, продолжува со штрајкот со глад и покрај проценката на лекарот дека состојбата и се влошила. Тепиќ престана да зема храна ден по изборите во Србија, на 18 декември.