
ТРГОВСКА РАЗМЕНА: Земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и со Кина
Трговскиот дефицит во првите четири месеци од годинава чини 1,11 милијарди евра.
Вкупниот обем на трговска размена во овој период е 6,40 милијарди евра (6,92 милијарди долари).
Во периодот јануари – април 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и со Кина.
Вкупната вредност на извозот на стоки од земјава во периодот јануари – април 2024 година изнесува 2,63 милијарди евра (2,85 милијарди долари) и бележи намалување од 5,3 отсто во однос на тој период од претходната година, објави Државниот завод за статистика(ДЗС).
Вредноста на увeзената стока, изнесува 3,75 милијарди евра (4,06 милијарди долари), што е за 3,8 отсто повеќе во споредба со тој период од претходната година.
Во извозот, најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот, најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивните легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.
И лани Македонија најмногу тргувала со истите земји кои сега се наведени во извештајот.
foto freepik.com/EyeEm