
СОРАБОТКАТА МЕЃУ РУСИЈА И КИНА СЕ ПРОДЛАБОЧУВА: Извозот на руски гас ќе постави нов рекорд оваа година
Извозот на руски гас во Кина оваа година ќе достигне нов рекорд и ќе надмине 30 милијарди кубни метри, изјави секретарот на комисијата за стратешки развој на индустријата за гориво и енергија и безбедност на животната средина под администрацијата на претседателот на Русија, Игор Сечин.
– Руско-кинеската соработка во гасната сфера динамично се развива – рече Сечин на руско-кинескиот енергетски бизнис форум во Пекинг.
Русија засега својот гас го испорачува во Кина преку гасоводот „Силата на Сибир“ долг околу 3.000 километри. Извозот на гас преку оваа рута започна на крајот на 2019 година од Јакутија, а по три години гас ќе започне да се извезува од регионот Иркутск во Русија. Според проценките, гасоводот се уште не е искористен со полн капацитет, а тоа треба да се направи во периодот меѓу 2025 и 2027 година. Тогаш извозот на гас ќе изнесува 38 милијарди кубни метри.
Сепак, минатата година Москва и Пекинг потпишаа договор за купување и продажба на природен гас, кој би се испорачувал преку таканаречената далечна источна рута. За таа цел, ќе биде неопходно да се изградат прекугранични делови преку реката Усури до кинескиот град Хулин. Откако и оваа рута ќе стане активна и ќе почне да работи со полн капацитет, извозот на руски гас во Кина ќе биде зголемен за дополнителни 10 милијарди кубни метри.
Тоа ќе значи дека вкупната количина на гас што Русија ја извезува во Кина ќе изнесува околу 48 милијарди кубни метри за една година.
Фото: EPA/SONG FULAI CHINA OUT