
Собранието ќе добие нов Деловник: Процедуралните забелешки и реплики се ограничуваат на еден говорник
Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања расправаше и ја усвои потребата за изгласување нов Деловник за работата на Собранието. Како посуштински промени се предвидуваат во делот на пратеничките прашања, во кои наместо еднаш се предлага да има две седници месечно.
Во донесувањето на законите процедуралните забелешки и реплики се ограничуваат на еден говорник за да се спречат злоупотреби, а амандмани ќе се поднесуваат само за предложените членови.
„Убеден сум дека со новиот текст ќе се надминат сите можности за различни толкувања од контекстот да биде носител на мнозинство или претставник на опозицијата. Значи не остава дилема новиот текст на Деловникот за двојни толкувања. Се надминуваат сите ситуации со кои што сме се соочиле како Собранието, со што ќе се прецизираат одредбите за започнување и завршување на активностите на Собранието“, вели претседателот на Собранието Талат Џафери.
Новиот Деловник е резултат на петгодишни преговори меѓу пратеничките групи во рамките на Жан Моне процесот. Негов предлагач е претседателот на Собранието Талат Џафери кој рече дека новиот текст е оптимален, но не и идеален.