
„Собор за Соборот“ – 1700 години од Првиот вселенски собор ќе се одбележат со литургија во Стоби
Годинава се навршуваат точно 1700 години од одржувањето на Првиот вселенски собор во Никеја, во 325 година, на кој присуствувале и тројца епископи од просторот на денешна Македонија: Александар, Епископ на Солун, Будиј, Епископ на Стоби и Дакиј, Епископ на Скупи.
Овој историски податок сведочи за длабоките корени на христијанството во Македонија, укажувајќи дека и во 4 век тука постоела организирана црковна заедница и развиен духовен живот.
Во чест на овој значаен јубилеј, во сабота, на 31 мај 2025 година, денот пред Неделата на светите отци од Првиот вселенски собор, ќе се одржи Света Божествена Литургија на археолошкиот локалитет „Стоби“. Со литургијата ќе чиноначалствува Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со повеќе архијереи и бројно свештенство од Македонската православна црква.
Православните верници од целата земја се повикани да земат учество во овој свечен духовен настан, со што заеднички ќе се одбележи значајната 1700-годишнина од соборот што ги удрил темелите на христијанската догма и црковна организација.