
Сиљановска-Давкова со благодарност до земјите што пружија помош по трагедијата во Кочани
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во име на македонските граѓани и во свое лично име, изразува најискрена благодарност до сите пријателски држави што во моментите на национална трагедија и шок, предизвикани од кочанската апокалипса, пружија и сè уште пружаат навремена и несебична помош, водени од принципите на солидарност и хуманост.
Ангажманот на нивните медицински тимови, подготвеноста на авионите и хеликоптерите за итна интервенција, отворањето на здравствените установи за повредените граѓани, како и активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита, испратија недвосмислена и силна порака дека во најтешките моменти не сме сами. Тие ја делеа болката со нас, а нивната грижа стана наш заеднички лек.
Ја почувствувавме силата на вистинското пријателство преку нивната присутност и поддршка, којашто ќе остане врежана во колективната меморија на нашиот народ.
Тажно е што низ болката и ненадоместливата загуба ја спознавме суштинската поврзаност со светот и длабокото чувство на припадност, нешто што не требаше да биде плод на трагедија.
Од срце сме им благодарни,
никогаш нема да ја заборавиме помошта од:
Република Србија
Република Бугарија
Република Турција
Хеленската Република
Кралството Шпанија
Република Австрија
Унгарија
Република Хрватска
Кралството Белгија