
Шекеринска: Без дијалог Белград–Приштина, нема напредок кон НАТО за Косово
Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во интервју за „КиМ радио“ изјави дека напредокот на Косово кон НАТО и евроатлантските интеграции е невозможен без конкретен напредок во дијалогот со Србија.
Поради променетата безбедносна слика во светот, враќањето на војната на европскиот континент и растечките геополитички тензии, Западниот Балкан повторно е во фокусот на Алијансата. И покрај шпекулациите за можно „забрзано членство“ на Косово, Шекеринска е децидна:
„Само нормализацијата на односите меѓу двете страни може да ја отвори вратата за понатамошна интеграција и постабилна иднина“, порача таа.
Според неа, присуството на КФОР и понатаму има силна поддршка од сојузниците, но таа предупредува дека НАТО очекува јасни и конкретни резултати од политичките актери на теренот.
„Нашето присуство во КФОР е значајна инвестиција, но сојузниците очекуваат напредок. Затоа дијалогот меѓу Белград и Приштина останува клучен“, нагласи Шекеринска, потсетувајќи дека ова е најдолгата активна мисија на НАТО и дека игра клучна улога во зачувувањето на мирот, не само на Косово, туку и пошироко во регионот.
Сепак, додава таа, воено присуство не може да го замени политичкиот компромис.
„Доаѓам од земја која речиси 30 години се обидуваше да стане членка на НАТО. За да го надминеме застојот со Грција, моравме да донесеме тешки, но одржливи политички одлуки. Истото го порачувам и на моите соговорници во Приштина“, рече Шекеринска, наведувајќи го примерот со решавањето на спорот за името на Македонија.
Во однос на безбедносните предизвици, Шекеринска оцени дека соработката меѓу српските вооружени сили и КФОР е отворена и професионална, но изрази загриженост поради инцидентите од 2023 година.
„Бевме сериозно загрижени за насилството и затоа очекуваме поголема одговорност, особено од властите во Белград. Ниеден сојузник не сака неговите трупи да бидат загрозени“, порача високата функционерка на НАТО, најавувајќи продолжена комуникација со властите во Приштина и Белград.