
САД се подготвени да преземат други акции, рече Бајден, по нападите на групи поврзани со Иран врз американските сили во Ирак и Сирија
САД се подготвени да преземат други акции, изјави американскиот претседател Џо Бајден по нападите на групи поврзани со Иран против американските сили во Ирак и Сирија, пренесе Ројтерс.
Изјавата е содржана во писмото до претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, испратено синоќа.
Вчера американски борбени авиони извршија воздушни напади во источниот дел на Сирија, потсетува Ројтерс.
Портпаролот на Советот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека за време на нападите во Сирија биле уништени резервите на муниција на Иранската револуционерна гарда, пренесува АФП. Таа операција имаше значително влијание врз способноста на групите поврзани со Техеран во регионот да вршат напади, додаде тој.
Вашингтон знаеше дека оваа муниција ќе се користи за поддршка на милициите, особено во Сирија. Целта беше да се нарушат нивните операции, „како и да се одвратат од понатамошни напади“, истакна Кирби.
Од 17 октомври, американските трупи и нивните сојузници во Ирак и Сирија биле цел на најмалку 14 напади, според Пентагон. Од нив 21 е полесно повреден, а еден војник починал од срцев удар додека се обидувал да стигне на безбедно.
Вооружените групи поврзани со Иран се заканија дека ќе ги нападнат американските бази на Блискиот Исток поради поддршката на Вашингтон за израелската војна против Хамас, потсетува АФП.