
Русија: Ако ЕУ ни го допре имотот, ќе им го конфискуваме
Русија ќе заплени имот што им припаѓа на земјите од Европската унија за кои смета дека се непријателски ако блокот „украде“ замрзнати руски средства во обид да ја финансира Украина, предупреди во неделата претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, пренесе Ројтерс.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека извршната власт на ЕУ работи на предлог да искористи дел од профитот од замрзнатите руски државни средства за да и помогне на Украина и нејзиното повоено закрепнување.
Володин вели дека Москва ќе одговори на начин што ќе го чини блокот повеќе ако ЕУ преземе акција против руските средства, од кои многу се чуваат во Белгија.
„Голем број европски политичари, предводени од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, повторно почнаа да зборуваат за кражба на замрзнатите средства на нашата земја за да се продолжи со милитаризацијата на Киев“, рече Володин, близок сојузник на Путин, во изјавата на Телеграм. цитиран од news.bg.
„Ваквата одлука ќе бара симетричен одговор од Руската Федерација. Во овој случај, ќе бидат конфискувани многу повеќе средства што им припаѓаат на непријателските земји отколку нашите замрзнати средства во Европа“, рече тој.
Фон дер Лајен во петокот рече дека вредноста на замрзнатите руски суверени средства е 211 милијарди евра и потсети дека блокот одлучил Русија да плати за обновата на Украина.
Володин рече дека политичарите на ЕУ размислуваат за овој потег „во обид да ги спасат своите работни места и поради лошата финансиска состојба во која ги доведоа своите земји“.