
Резил: На Победа не ѝ судат пенал, па минута потоа – криминал (ВИДЕО)
Денеска прилепчани загубија од Силекс со 1-4, резултат кој делува дека кратовци убедливо победиле, но Победа ја скрши криминалната одлука да се свирне пенал за игра со рака надвор од шеснаесетникот. И тој момент на 20 минути пред крајот ги скрши прилепчани, само четири минути откако израмнија.
Но, резилот во Прилеп е поголем, зашто минута пред трагикомедијата има нов спорен момент, на Победа не ѝ е досуден пенал, кој можеби ќе го сменеше комплетниот тек на натпреварот. Прилепскиот портал Шампион го објави хајлајтсот од мечот и поразот денеска, на кој јасно се гледа сѐ.
После вакви циркуси во македонскиот фудбал, главно прашање е дали Победа мора да испадне од Првата лига? Судиската комисија сега ќе дава образложенија, можеби ќе признае грешка, можеби ќе најде оправдување, но мало фајде од тоа, зашто не е првпат арбитрите да направат кардинална грешка, таа и да биде признаена, кога бодовите се загубени.
Во ФФМ одамна се прават слепи на мизеријата од судење, на константната арбитража на штета на низа клубови, што остава впечаток дека е точно тоа што со години чаршијата гласно зборува дека сѐ однапред е познато.