
„РЕПЛЕК“ СО УБАВИ БРОЈКИ: Раст од 44 отсто на приходите од продажба во сегментот фармација
Фармацевтската компанија „Реплек“ објави позитивни резултати од работењето.
Како што известиле од друштвото до Македонската Берза, вкупните приходи од продажба на сегмент фармација за периодот во првите девет месеци од годинава се според планот и изнесуваат 1.087 милиони денари, што значи дека се зголемени за 335 милиони денари односно 44 отсто во однос на истиот период минатата година.
Приходите од продажба на странски пазар со учество во вкупните приходи од продажба на сегмент фармација од 81 отсто (во 2022 година тој процент изнесувал 77 проценти) се зголемени за 52 отсто, а приходите од продажба на домашен пазар на сегмент фармација се зголемени за 21 отсто во однос на истиот период минатата година.
Од компанијата информираа дека со зајакнување на позициите на пазарите, консолидација на
портфолиото и промоција на потенцијалите, „Реплек АД“ продолжиле со успешните
резултати.
„Од почетокот на годината, заклучно со септември Реплек оствари
раст на приходите од продажба од фармација од 44 отсто во споредба со истиот период
минатата година. Позитивните деловни резултати што ги бележи компанијата во
овој период од 2023 година се должат на растот на приходите од продажба во
сегментот фармација на странските пазари од 52 отсто, а раст е остварен и на домашниот
пазар за 21 отсто, споредено со истиот период од минатата година“, информираат од оваа фармацевтска компанија.
Оттаму велат дека продолжувањето на позитивните резултати на „Реплек АД“ се
должат на темелните промени во извозната стратегијата на компанијата, но и на внатрешната
реорганизација, базирана на силна имплементација на иновации и поврзување на
искусниот човечки потенцијал, со свежи млади идеи. Како резултат на овие
параметри, остварените резултати во третиот квартал се историски најдобри за
компанијата, од нејзиното постење.
„Новиот стратешки пристап, диверзификација на ресурсите,
како и зајакнување на квалитетот на нашето портфолио се клучните причини за
постигнатите резултати. Но, ова е само почеток на една нова приказна на Реплек и на македонската фармацевтска индустрија. Имено, нашиот потенцијал и
промените кои ги направивме во компанијата очекуваме уште посилно да растат во
следниот период, особено на странските пазари, каде што квалитетот е веќе добро
познат. Тоа ни дава солидни причини да бидеме оптимисти, а потенцијалните
можности за проширување на нашите активности се дополнителна причина. Истовремено
развојот на „Реплек АД“ е значаен за македонската фармација, бидејќи е директна
потврда за потенцијалот и експертизата што ја имаме, особено во човечкиот
капитал. Реплек ќе продолжи со огромна посветеност да ја гради својата
приказна и во следниот период“, истакна Душан Пецовски, генерален директор на
„Реплек АД“.
Дури 82 отсто од портфолиото на „Реплек АД“ се пласира на
пазарите во повеќе од 20 земји, а останатиот дел отпаѓа на домашниот пазар.
Компанијата е присутна на пазарите во Европската Унија, регионот Адриа, како и
на пазарите во Централна и Југоисточна Азија, а дел од производите од
фармацевтската програма на компанијата се едни од најпродаваните на одделни
пазари, што е дополнителна потврда за квалитетот и висока конкурентност на
глобално ниво.
Во фармацевтскиот деловен сегмент, компанијата планира и
раст на приходите од 41 отсто до крајот на 2023 година, во споредба со лани.
Од „Реплек“ велат и дека продолжуваат да инвестираат во иновации, модернизација и
трансформација на компанијата.