
Расел го спаси МЗТ Скопје од тешка бламажа
Во осмото коло, македонскиот првак го победи Шенчур од Словенија со 75-73 и дојде до првата победа во 2024 година, сметајќи ги сите натпреварувања. Малку недостасуваше, сепак, да доживее тешка бламажа и да загуби добиен натпревар.
Три четвртини МЗТ Скопје го диктираше темпото и беше во резултатска предност, највисоката од 16 поени разлика (55-39) во третата четвртина. И во последниот квартал нашиот претставник имаше двоцифрена предност (65-51), потоа и 70-59, но му дозволи на противникот не само да се врати во игра, туку и да дојде на чекор од победа.
Благодарение на серијата од 12-0, Шенчур ја стопи негативата и поведе со 71-70 на точно две минути пред крајот. Баковиќ потоа погоди за МЗТ Скопје, а Муриќ за Шенчур, а по промашувањето на Делалиќ, повторно Муриќ беше фаулиран и при водство од 73-72 на неговиот тим доби две слободни фрлања. За среќа на МЗТ, ги промаши двете, па во последниот напад Расел со тројка го спаси македонскиот првак од големо разочарување.
Токму Расел, заедно со Танасковиќ беа најефикасни кај МЗТ Скопје со по 17 поени, Баковиќ постигна 14, а Војдан Стојановски 11. В петок од 18 часот, аеродромци ги очекува дуел со Шибенка.