
Работната група ги „скара“ партиите – Мицкоски вели се срами од нивниот срам, СДСМ вели дипломирал кај неговиот татко!
„Немам што да додадам за семејните стебла во ДУИ и СДСМ. Се срамам од нивниот срам“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот став во однос на таканаречениот експертски тим кој ќе биде дел од работната група за уставните измени.
Претседателот Мицкоски потенцираше дека очекува да има одговорност од работната група, бидејќи ќе земаат само хонорар од народот, а нема да сработат ништо, повторувајќи го ставот на партијата дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да поддржи отворање на уставот.
„Очекувам одговорност бидејќи кога ќе дојде првиот чекор во парламентот а тоа е отпочнување на постапката и утврдување на потребата на отворање на Уставот да не успее. И тоа ќе биде уште една политика на Ковачевски која што не успеала, и потоа кривична одговорност за оние кои ќе земат хонорари од народот, а практично нема да сработат ништо бидејќи нивната работа е без предметна. Така што го повикувам Ковачевски да не биде кукавица, веднаш да ја достави иницијативата до парламентот и пратениците во парламентот да го дадат својот став по тоа прашање. Јас само можам исто така тоа што го кажа претседателот на СПМ дека коалицијата за Обнова на Македонија која што во парламентот брои 44 пратеника нема да ја поддржи оваа иницијатива за отворање на Уставот“, рече тој.
Мицкоски додаде дека оваа тема за уставните измени е само уште една политика на Ковачевски која ќе биде поразена и токму затоа треба да се затвори што побрзо, и да се насочат кон решавање на проблемите во здравството, образованието, криминалот и корупцијата.
Час поскоро да ја затвориме оваа тема имаме поважни работи. Не крадат, пљачкаат милијарди од народот, здравството ни е катастрофа, децата во школо немаат книга и ајде за тоа да збориме, ова треба да го игнорираме и да го затвориме. Ова е уште една политика на Димитар Ковачевски која ќе биде поразена, а јас ќе повторам дека за ова ќе има одговорност, дециден е Мицкоски.
На ова реагираа и од СДСМ, од каде велат дека Христијан Мицкоски е последниот што може да прозива правници и професори.
СДСМ додава дека Мицкоски дипломирал кај наеговиот татко и му бил асистент, па затоа е неодговорно да зборува за „семејни стебла“
„Етикетите, навредите и омаловажувањата за правните експерти и професорите само ја покажува режимската матрица на Груевски во којашто е заглавен Христијан Мицкоски. Мицкоски е последен кој може да зборува и да прозива професори или пак истакнати правници. Граѓаните знаат дека Мицкоски има дипломирано кај својот татко. Не само што дипломирал, туку бил и асистент кај својот татко, а згора на се кај него дури и се вработил. Мицкоски сега ќе кажува за фалц професори? Па заради такви како него фалц професори УКИМ со години не може да се искачи погоре на Шангајската листа. Дополнително Мицкоски е претседател на криминална партија ВМРО-ДПМНЕ чиј претходник, осуден криминалец, побегна од правдата во гепек. Христијан Мицкоски нема образ за да се засрами, а досега ги има пропуштено сите шанси и да се извини пред граѓаните“, вели СДСМ.