
Претседателот на Република Српска средбата со Путин ја оцени како успешна
Претседателот на Република Српска во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, неговата средба и разговор со рускиот претседател Владимир Путин ја оцени како успешна и го потврдува партнерството со Русија, пренесуваат руските медиуми РИА Новости.
„Нашиот разговор беше многу успешен. Разменивме мислења за актуелната ситуација во нашите односи, како и за актуелната регионална и глобална агенда“, изјави Додик во интервју за РИА Новости.
Тој нагласи дека Русија е сигурен партнер на Босанската Република Српска и „сите наши средби се доказ за тоа“. „Пријателскиот однос на Владимир Владимирович Путин и Руската Федерација кон Република Српска уште еднаш беше потврден“, истакна Додик.
Претседателот на Република Српска е во официјална посета на Русија , а оваа недела се сретна со својот руски колега.
Додик објасни дека Република Српска преговара со Русија за проекти за реконструкција на термоцентрали и набавка на опрема за работа во рудници. „За овие прашања може да се разговара веќе во јуни, кога делегација од Република Српска ќе учествува на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург“, посочи тој.