
ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА В ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ ГО ПРЕДЛОЖИ КАНДИДАТОТ ЗА ГУВЕРНЕР: Што доколку во рокот не се избере прв човек на Народната банка?
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во синоќешното
гостување на ТВ Телма изјави дека во понеделник сабајле до Собранието ќе го
достави нејзиниот предлог за гувернер на Народната банка.
„Јас имам
обврска да предложам кандидат или кандидатка за гувернер. Значи јас треба да
предложам, има неколку кандидати и сите имаме некого кого преферираме, особено
јас“, изјави Сиљановска
Давкова и додаде:
„Бидејќи не сме
постигнале уште консензус, нас ни останува, седница има закажано за вторник.
Значи, ќе поднесам в понеделник наутро”, рече таа.
За предлогот ќе треба да се гласа во вторник и за да се
изгласа предлогот треба да гласаат 61 пратеник.
Според Законот за Народна
банка, доколку не се изгласа предлогот доставен од претседателот на државата до
Собранието, актуелниот гувернер продолжува со извршување на функцијата, се до
изборот на новиот гувернер.
„Во смисла
на член 55 став 3 од Законот за Народната банка, член на Советот на кој му истекол мандатот, до именување на нов
член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон.Ова одредба се однесува и на гувернерот на Народната банка“, се вели во законскиот текст.
Оваа одредба е внесена во Законот за Народна банка во мај минатата година на препорака
на ММФ, сè со цел, да се одржи континуитет во работењето на институцијата во
случај да до истекот на мандатот не се избере нов гувернер.
Како најсериозни кандидати за позицијата, во јавноста се
лиферуваат имињата на актуелната гувернерка Анита Ангеловска – Бежоска, екс
министрите за финансии Зоран Ставревски и Трајко Славески, како и екс вицегувернерката Маја
Кадиевска-Војновиќ.