
Потврдено: ХЕЦ Чебрен ќе се гради со пари од британскиот заем
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието за прв пат потврди дека стратешкиот проект ХЕЦ Чебрен и Галиште ќе се гради со пари од британскиот заем.
„Единствено за кое преговараме од стратешки аспект се изградбата на хидроелектраните Чебрен и Галиште, планираме да го работиме со парите од британскиот заем. Инвестицијата е 1,2-1,3 милијарди евра. Силно сум убеден дека не само од аспект на производство на електрична енергија ни се потребни овие две хидроцентрали.
Имајќи ги предвид климатските промени за иднина ќе се потребни овие два нови резервоари за вода, тоа ќе биде голем предизвик во иднина. Убеден сум дека овие два резервоари за вода заедно со постојната Тиквеш, ќе обезбедат дополнителна количина вода за тиквешко поле, 55- 60 илјади хектари прва класа земјоделско земјиште каде има многу земјоделци овоштари, каде се користи организираниот систем за наводнување, а којшто во одредени периоди во годината изостанува со вода па се намалува родот и приносот.
И трето, двете акумулации, имајќи ја предвид околијата на Мариово која што претставува „црна дупка“ и е ненаселена , а имајќи предвид дека овој предел е опкружен со планини, можеме да развиваме и туризам. Тука веќе имаме заинтересирани приватни инвеститори да го опремената со придружни содржини целиот тој простор.“, образложи Мицкоски.
Досега Владата никогаш не спомена дека со фамозниот британски заем од договорот за стратешко партнерство ќе се гради овој проект.
Единствено беше кажано дека во првиот инвестициски циклус ќе се позајмат околу 2,2 милијарди евра и тој циклус ќе трае пет години. Најголем проект во овој прв бран инвестиции е брзата пруга од Табановце до Гевгелија и тој се проценува дека ќе чини од 1,5 до две милијарди евра.
Дел од овие пари се планираат за завршување на клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот медицински факултет со студентски дом, со капацитет од 200 легла, за изградба на нова болница во Кичево заедно со здравствен дом, како и за реконструкција на клиничката болница во Тетово.
Условите за овој заем сѐ уште не се до крај прецизирани, но се најавува дека ќе бидат поволни.