
Почна поевтинувањето на производите, трговците и натаму незадоволни
Маркетите веќе почнаа во пракса да ја спроведуваат одлуката на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите, која вчера излезе и во Службен весник, со што стана официјална и треба да важи до 30 април годинава.
Сепак впечатокот е дека не се гледа некое забележително намалување на цените на производите.
Ајдован Адемовски, сопственикот на синџитрот маркети „Рамстор“, за „Фактор“ вели дека за еден маркет да работи рентабилно бруто маржата што се додава на основната цена на еден производ треба да биде 21 отсто, за да може да се покријат трошоците.
– Со 10 отсто маржа ќе работиме, а имаме 21 отсто расход. Треба да се знае дека ние во нашиот ланец имаме 15.000 вработени. И досега некои маржи на годишно ниво веќе се движеа од 1,5 до 5 отсто, ни рече Адемовски.
Маркетите се обврзани соодветно да ги обележат производите за кои се намалени цените со „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ или, пак, оние кои имаат замрзнати цени со „Замрзнати цени“.
Владата во вторникот на седница донесе одлуки за ограничување на бруто профитната маржа и за утврдување на највисоките цени на одделни производи со што треба да бидат опфатени 102 групи на производи или на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи. Ваквите чекори на Владата уследија по зголемувањето на цените на основните прехранбени производи и по двата бојкота за време на кои граѓаните беа повикани да не пазарат во маркетите.
Одлуките на Владата за ограничување на бруто профитната маржа и за замрзнување на дел од цените на прехранбените производи се објавени во „Службен весник“ со што од денес се очекува поевтинување на повеќе од 1000 производи.
Со владината одлука, на пет проценти се ограничува бруто профитната маржа на млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, на 10 отсто месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините, а на 15 отсто средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчукот, детергентите, бебешката храна, пелените, сапунот, тоалетната хартија и слично. Одлуката за утврдување на највисоки цени се однесува на осум групи основни прехранбени производи при што како највисока цена ќе се земе онаа што важела на 1 февруари годинава.
Пред Владата да ја донесе одлуката, новоформираната Комора на трговци на големо и на мало на нивно барање имаше средба со министерот за економија по што достави предлог решенија со кои предложи поевтинување на 100 до 200 производи кои се најнеопходни за живеење во периодот од 22 март до 22 април со што, според нив, би биле опфатени двата големи празника Велигден и Рамазан. По носењето на одлуката веднаш реагираа од Комората, од каде изразија загриженост и побараа повторно средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за да ги разгледаат последиците од овие одлуки. Сметаат дека со владините одлуки нема да бидат опфатени 1.000 производи, туку од 3.000 до 4.000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко, како и производите како што се детергентите и сапуните.
Во однос на жестоките реакции на трговците, заменик министерот за економија Марјан Ристески синоќа истакна дека одлуката е веќе донесена и истата ќе се спроведува. Додаде декатие предлози што ги доставиле трговците до Владата можеле и сами да ги спроведат без да чекаат тоа да им биде одобрено.
– Реакциите гледаме дека се многу бурни од трговците и дистрибутерите меѓутоа јас не видов дека, кога се дозволи тие самите продуцираат мерка како акција за намалување, тие самите да покажат општествена одговорност кон граѓаните. Не видовме такво однесување и по медиуми да си ја одбранат својата мерка, рече Ристески.
А.К.