
Јовески тврди дека за случајот со пожарот во Модуларната болница во Тетово немало обид за влијание и притисоци
Јавниот обвинител Љубомир Јовески до Собранието по пошта го испратил одговорот за интерпелацијата што за неговото работење во случајот со пожарот во Модулараната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица ја поднесоа пратеници од опозициските партии на Албанците – Беса, Алтернатива и Демократско движење. Јовески во дописот, како што наведува, најодговорно изјавува дека никогаш во ниту еден момент во текот на постапката за овој случај немало обид за влијание и притисоци.
Во одговорот на барањето за интерпелација, јавниот обвинител наведува дека за овој трагичен настан, за дејствијата што ги преземаше Јавното обвинителство, јавноста во континуитет била известувана без да се наруши текот на постапката, која во еден дел веќе завршила со осудителна пресуда.
-Меѓутоа, поднесената интерпелација за овој предмет уште еднаш потврди дека „Институцијата со која раководам постојано е изложена на неосновани напади и обиди за дискредитација, кои во крајна линија се една од основните причини за ниска јавна доверба во правосудните органи воопшто. Повод за оваа интерпелација се непроверени и неиздржани, наводи во новинарски текст, кој неодговорно манипулира со чувствата на засегнатите од оваа трагедија и кај пошироката јавност, но очигледно и кај дел од пратениците, креира погрешни перцепции за текот на овој предмет, пишува во одговорот од јавниот обвинител.
На Институтот за судска медицина завршена е обдукцијата на телата донесени од Тетово, по пожарот што во вторникот ја изгоре модуларната болница во која се лекуваа болни од Ковид-19.
Како што вели, во интерес на вистината, уште еднаш, детално и целосно ја објаснува постапката која од самиот почеток се водела „одговорно, непристрасно и согласно сите законски прописи“.
Јовески наведува дека од самиот почеток, веднаш по настанот, цел обвинителски тим составен од сите јавни обвинители во Основното јавно обвинителство Тетово и двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје кои биле дежурни во моментот на несреќата биле задолжени да извршат увид и да ги преземат сите дејствија неопходни за утврдување на причините.
По спроведената претходна постапка, во рамки на која биле преземени многу истражни дејствија, Основното јавно обвинителство Тетово, како што пишува Јовевски, поднесело обвинение против три лица, од кои двајцата директори на болницата кои се товарат дека „иако биле должни да имаат соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии, друга противпожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати, на денот на пуштање во употреба на Модуларната болница во Тетово, па се до денот на настанување на пожарот во Модуларната болница, не поставиле соодветни уреди за заштита од пожар со што сториле „тешки дела против општата сигурност“ по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик, додека третообвинетиот како одговорно лице дозволил влез на членови на семејствата на болните од Ковид 19 со што се товари за кривично дело – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик. Обвинението, потсетува Јовески, го опфаќаше и правното лице Клиничка болница Тетово.
Јовески наведува дека обвинението се темели на обезбедените докази и извршени вештачења, кои вклучуваат – вешт наод на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи, Службена експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија, вешт наод на стручно лице електроинжинер, вештачењето на Технолошко-металуршкиот факултет кој ја испитуваше брзината на согорување на сите материјали употребени за болницата, како и вештачење на Електротехничкиот Факултет Скопје во поглед на усогласеноста на изведената инсталација со законските прописи за ваков тип градби.
Сите овие докази и вештачења се комплементарни, не се спротивставуваат и јасно ја утврдуваат причината за настанување на пожарот, но и одговорноста на службените лица, се вели во писмото.
-По вака поднесеното обвинение, врз основа на сите презентирани докази, Основниот суд во Тетово донесе осудителна пресуда за двајцата директори, изрекувајќи условна осуда, додека за третиот обвинет е донесена ослободителна пресуда. Основното јавно обвинителство Тетово ја обжали пресудата и по основ на одредената санкција за двајцата обвинети и по основ на ослободителната пресуда за еден од обвинетите. Свои жалби вложија и осудените. Во тек е жалбена постапка. За тендерот за набавка на сите модуларни болници, во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се води уште еден предмет, кој е во предистражна постапка и во кој интензивно се преземаат дејствија на проверки, се наведува во одговорот од јавниот обвинител.
Во однос на прашањата за интерпелацијата за тоа кои се неправилностите во тендерската постапка за градење на модуларните болници и дали и зошто Обвинителството не ги смета како релевантни овие околности во самото обвинение, Јовески одговара дека „евентуалните неправилности во тендерската постапка се испитуваат во предметот во кој во предистражна постапка постапува Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал корупција“.
-И документацијата побарана и обезбедена во овој предмет е обемна и е поврзана со јавна набавка за изведба на повеќе објекти, под надзор и во рамките на посебен проект финансиран од Светската банка. Од тие причини, потребно е време за анализа на сите тие документи и утврдување на евентуални неправилности. Во рамки на постапката на Основното јавно обвинителство Тетово, која директно ги испитуваше причините за пожарот, тие причини беа недвосмислено утврдени со неколку вештачења и на ниту еден начин не беа поврзани со тендерски документи, посочува Јовевски.
За тоа зошто е занемарен извештајот и наодите од германскиот тим од форензичари, кои го утврдиле главниот причинител на пожарот и другите причини за толкав интензитет на пожар, јавниот обвинител одговара дека „ова прашање е најдобра илустрација за дезинформациите и лажните наводи изнесени во новинарскиот текст, кои се повод за ваквата интерпелација“.
-Имено, апсолутно невистинити се наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка, тврди Јовески.
Нагласува дека од самиот почеток на истрагата, Обвинителството преку меѓународна правна соработка побарало правна помош од германските експерти кои ги истражуваа причините за пожарот.