
Османи за групата од Бањска: Имаме јасни видео докази за обуката во Србија
Имаме докази дека наредбата стигнала директно од Вучиќ, вели косовската претседателка Вјоса Османи за нападот кој неодамна се случи во Бањска во северно Косово, каде загина еден косовски полицаец и четворица Срби од вооружената група.
Османи изјави за Си-ен-ен дека Косово било нападнато. Ја повика меѓународната заедница да ѝ воведе санкции на Србија за да не се повтори анексија по примерот на Крим. Османи разговараше со новинарката Кристијан Аманпур еден ден откако интервју даде српскиот претседател Александар Вучиќ. Таа додаде дека Косово нема потврда за повлекување на војската на Србија од административната линија.
„Имаме јасни видео докази за обуката во Србија, во организација на српската војска. Оружјето кое го запленивме не е оружје кое може да го добијат обични граѓани, туку само војска“, кажа таа.
Османи бара Белград да го екстрадира Милан Радоичиќ и останатите кои учествувале во судирот во Бањска.
Османи не ги коментираше барањата на Белград за формирање Заедница на српски општини.
foto Facebook/Vjosa Osmani