
Наскоро позната цената за изградбата на новите автопати во Македонија
Владата денеска ќе го разгледа Извештајот на консултантот ИРД Инженеринг што беше ангажиран за преговорите со американско – турскиот конзорциум Бехтел и Енка, кој треба да ги гради автопатите коридорите 8 и 10 Д во земјава.
Ова го најави вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерот за економија Крешник Бектеши на официјалните фејсбук профили.
ИРД инженеринг во претходните три недели заедно со членови од Владата во заедничка комисија преговараа со градежниот оператор за формирање на цената која ќе биде потребна за да се изградат новите автопатски делници.
-Голем ден не очекува денес во Управниот комитет, а подоцна и во Владата каде ќе го разгледаме извештајот на нашиот консултант околу преговорите со конзорциумот Бехтел-Енка за изградба на Коридорот 8 и 10 Д, како и предлог-договорот за усвојување и потпишување. Дојде долгоочекуваниот ден, стои во објавата од Груби.
Тоа значи дека наскоро треба да биде позната сумата за четирите автопатски делници во должина од над 120 километри на коридорите 8 и 10д. Следна фаза треба да биде потпишување договор за изведба на работи на автопатските делници на Коридорот 8: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1 километар), Тетово – Гостивар ( 27 километри) и на делницата Прилеп – Битола (43,4 километри) од Коридорот 10- д.