
Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ го прославува 10-тиот роденден
Вчера, по десетти пат, Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија во партнерство со Здружението на преведувачи и толкувачи (ЗПРМ) ја додели Наградата за најдобар млад преведувач „ВАВИЛОН“. Церемонијата се одржа во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ по повод Европскиот ден на јазиците.
Оваа исклучителна награда годинава му припадна на Благоја Јовановски за неговиот извонреден превод од англиски на македонски јазик на извадок од делото „Магионичарот“ од Колм Тојбин. Наградата ја додели Н.Е. aмбасадорот Гир. Во рамките на доделувањето на наградите премиерно беше прикажан и краткиот филм „Домот на јазикот“, со кој се одбележува 80-годишнината од првиот училиштен час одржан на македонски јазик. Сценариото за филмот го подготви писателот Владимир Јанковски, кој исто така беше и амбасадор на наградата „Вавилон“. Филмот е во продукција на Europe House, а истиот може да го погледнете на следната врска:
Наградата „Вавилон“ иницирана од страна на Делегацијата на Европската Унија во 2013 година, има цел да ги охрабри и поддржи младите преведувачи и да ја нагласи важноста на квалитетот во книжевните преводи. Конкурсот е наменет за младите преведувачи, на возраст до 26 години, и им нуди платформа на која можат да ги покажат своите способности за преведување на дела напишани на некој од 24-те официјални јазици во Европската унија на некој од јазиците што се зборуваат во државата.