
На македонско семејство ќе му недостасуваат 17 илјади за да ги купат неопходните продукти ако и двајцата се на минималец
Со две минимални плати четиричлено семејство не може да преживее, покажуваат пресметките на Сојузот на Синдикат на Македонија (ССМ). Јазот меѓу две минимални плати и минималната потрошувачка кошничка е нешто над 17 илјади денари или речиси 300 евра и во февруари годинава. Пресметките на ССМ покажуваат дека синдикалната кошница за месец февруари тежи 57.476 денари и тоа е сумата која му е потребна на четиричлено семејство некако да го истурка месецот купувајќи го само најнеопходното.
Ако се земе предвид дека минималната плата во државата е 20.175 денари тогаш повеќе од јасно е дека четиричленото семејство ќе мора да се откаже од многу и нема да има финансиска и куповна моќ дури и за основните продукти и намирници.
Доколку семејството живее под кирија оваа сума драстично се зголемува и тогаш синдикалната кошница за месец февруари изнесува 72.851 денар, сума кој едвај може да се покрие доколку двајцата родители се со просечна плата која во моментов изнесува 38.800 илјади денари
Споредено со минатиот месец синдикалната кошница се зголеми за 313 денари без и 213 денари со стан по кирија а со декември минатата година за илјада денари односно 880 денари во зависност од тоа дали станбеното прашање е решено.
Очекувано највисока ставка во синдикалната кошница е храната и пијалаците за која семејството мора да одвои 21.219 денари во месецот. На второ место е образованието на децата за кое месечно се трошат 7.022 денари а потоа следуваат режиските трошоци со 6.014 денари. За транспорт, што вклучува гориво и слободни карти за јавен превоз, месечно треба да се издвои 4.956 денари а за рекреација и култура 4.245 денари.