
Мицкоски: Поподготвени сме за пожари, ќе има забрана за движење во шуми без дозвола
На надзорната расправа во Собранието посветена на аерозагадувањето, премиерот Христијан Мицкоски најави дека државата оваа година е значително поподготвена да се справи со евентуални шумски пожари. Тој посочи на досегашната неусогласеност меѓу институциите – Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи – и најави нивно обединување во една институција, како дел од реформите што ги бара и НАТО.
„Од октомври започнува процесот на спојување. Мора да имаме една институција што има вертикална одговорност, што дојавува и управува со кризи,“ истакна Мицкоски, додавајќи дека новиот систем ќе ги вклучи и општините, професионалните пожарникари, но и доброволните друштва кои ќе продолжат да добиваат надоместок за своето ангажирање.
Премиерот најави и нова мерка – забрана за движење во шуми во летната сезона без соодветна дозвола, при што сите што ќе сакаат да планинарат, спортуваат или се движат низ шумите ќе мора да имаат посебна белешка.
Во однос на состојбата со „Национални шуми“, Мицкоски рече дека во минатото таму имало сериозни проблеми со мотивацијата на вработените, со исплатата на плати и недостиг од ресурси, но дека сега се работи на стабилизирање и подобрување на капацитетите.
„Оваа година не би сакал да има пожари, но сме многу поподготвени отколку во минатото. Точно ќе знаеме кој е во шумите и каде треба да има одговорност,“ рече Мицкоски.
Коментирајќи ја и градежната прашина како фактор за загадување, премиерот порача дека „дисциплината кај градежните компании не е на високо ниво“ и ги повика граѓаните активно да пријавуваат прекршувања до градежната инспекција.
Петтиот ден од надзорната расправа на собраниската Комисија за здравство заврши, а расправата ќе продолжи и во наредниот период.