
Мицкоски најави нови мерки за самовработување и економски раст од Прилеп
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва на трибина во Прилеп најави две нови мерки за поддршка на самовработување и отворање на нови работни места.
За младите до 29 години ќе се доделуваат по 10.000 евра неповратна поддршка за сопствен бизнис. За здружување на две лица висината ќе биде од 14.000 до 20.000 евра, во зависност од возраста.
Со втората мерка – „Вработување и раст“, се предвидува поддршка до 250.000 денари по лице за компании кои ќе вработуваат млади лица.
Мицкоски потсети дека за една година се отворени 15.000 нови работни места, а државата конечно бележи економски раст.
„Не почнавме од нула, туку од минус. За првпат по седум години е намален јавниот долг, инфлацијата е сведена на 2,7%, а Македонија е четврта во Европа по раст на БДП“, рече премиерот.
Посочи дека Владата работи на изградба на автопатите, експресниот пат кон Прилеп, како и на проектите за Битола.
Според него, повеќе нема тендери „во четири очи“, функционерите немаат афери, а економијата добила нова енергија.
Истакна дека е склучено стратешко партнерство со Обединетото Кралство и дека се обезбедени 500 милиони евра за поддршка на компаниите и општините.
Мицкоски најави и електронски лични карти и возачки дозволи, целосно признавање на електронските документи, нов Закон за сајбер-безбедност, и борба против нелегалните онлајн обложувалници.
За Прилеп и регионот посочи дека се исплатени над 9 милијарди денари субвенции за земјоделците, зголемена е откупната цена на тутунот и субвенциите.
„Не ветувам чуда преку ноќ, но ветувам дека секој ден ќе работиме за подобра Македонија. Времето на Македонија допрва доаѓа“, порача Мицкоски.
На трибината зборуваа и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, директорката на УЈП Елена Петрова и пратеникот Бојан Стојановски.