
Мицкоски: Да се воведат механизми каде нема да се дозволи билатерални спорови да бидат пречка за остварување на колективната и заедничка цел
Премиерот Христијан Мицкски денеска се обрати пред членовите на постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО.
„Оваа прилика е од особена важност за нашата држава, бидејќи како полноправна членка на НАТО, ја имаме честа да бидеме домаќини на ваков значаен настан.
Пред само неколку недели, нашата нација беше погодена од трагедија која остави длабоки рани во срцата на нашите граѓани. На 16 март, во пожар во ноќен клуб во Кочани, животите ги загубија 59 млади луѓе, а над 150 беа повредени. На огромна жал вчера животот го загуби и Александар Карадаковски. Лекарите се бореа до последниот момент да го спасат неговиот живот. Битката продолжува.
Оваа несреќа не само што ни покажа колку е кревок животот, туку и ја истакна важноста на солидарноста и меѓусебната поддршка.
Во тие тешки моменти, сведочевме на вистинска солидарност од нашите сојузници и партнери. Девет европски држави понудија помош на нашата земја веднаш по трагедијата во Кочани. Европската унија, пак, преку механизмот за цивилна заштита, координираше медицински евакуации на повредените до специјализираните болници во регионот.
Оваа трагедија ни покажа дека солидарноста не е само збор, туку дело што ги поврзува народите. Таа е темелот на нашата Алијанса-принцип што не води во заедничките напори за зачувување на мирот и безбедноста.
Солидарноста значи дека кога еден од нас страда, сите страдаме.
Кога еден е во неволја, сите притрчуваме на помош.
Во изминатите пет години од нашето членство во НАТО, активно придонесувавме кон колективната безбедност и стабилност на Алијансата.
Нашите вооружени сили учествуваа во НАТО мисиите во Косово и Авганистан, демонстрирајќи ја нашата посветеност кон заедничките цели. Ја зголемивме одбранбената потрошувачка со јасен план да постигнеме резултат којшто ќе биде поголем од 2% од нашиот БДП, со што ја зајакнавме способноста да придонесеме кон колективната одбрана. Преку организација на вежби за цивилна подготвеност и придонес во НАТО Фондот за одговор на пандемии, покажавме дека сме подготвени да преземеме одговорност и во мир и во криза.
Во изминатите пет години, значително ја подобривме интероперабилноста на нашите вооружени сили со оние на другите сојузници.
Преку учество во заеднички вежби, нашите војници стекнаа искуство и знаење што ја подобри нивната ефикасност во мултинационални операции. Интеграцијата во НАТО системите за воздушна и ракетна одбрана овозможи подобро споделување на информации и координација т.е. суштинска компонента на модерната безбедност.
Во духот на нашата заложба за целосна интеграција, спроведуваме темелни реформи во одбранбениот сектор.
Работиме на подобрување на стратешкото планирање, цивилната контрола врз армијата, модернизацијата на опремата и транспарентноста во управувањето со одбранбените ресурси.
Обуките се одвиваат според НАТО-доктрини, а новите институционални механизми нè прават поотпорни на хибридни закани. Сето тоа е одраз на нашата политичка волја и консензусот дека безбедноста и интегритетот на државата се врвен приоритет.