
Кузевска: Имаме исчекор за поголемо парламентарно мнозинство, за реформи, економски политики и интеграција во ЕУ
Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ, денеска на прес конференција истакна дека можат да објават дека се прави добар исчекор, односно има поголемо парламенатарно мнозинство за реформи, економски политики и интеграција во ЕУ.
„Централниот одбор на СДСМ го овласти претседателот на партијата, Димитар Ковачевски да ги заокружи разговорите за поголемо мнозинство и да предложи кадровски решенија за реконструкција на Владата.
Со принципите на платформата за соработка со Алијанса на Албанците, кои денеска ги одобри Централниот одбор, се обезбедуваат сите услови за политичка стабилност и зголемена ефикасност на Собранието и институциите.
Во услови кога се уште светот е во енергетска и економска криза, стабилност и ефикасност ќе допринесе да продолжиме со реформите во економијата, во судството и во однос на интеграцијата на земјата во ЕУ.
Нашите деца, нашите граѓани, немаат време за губење. Зголеменото владино мнозинство ќе се погрижи никој да не остане сам оваа зима и заздравувањето на економијата да започне веќе оваа година.
Се создаваат услови за унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Поголема поддршка добива планот за стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи.
Кадровското освежување ќе внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата предводена од СДСМ во интерес на сите граѓани и иднината на земјата.
Се отвора можност за соработка на локално ниво во општините и советите со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.
Јасно е дека изборите ќе се одржат според планираното во 2024 година. Ова е добро за стабилноста, за инвеститорите и за економијата.
Работите се јасни. СДСМ го задржува бројот на министри како и досега, имаме зголемено мнозинство во Собранието, поголема поддршка на реформскиот и на европскиот курс на земјата и политичка стабилност.
Опасноста е земјата да биде зафатена од радикални елементи како Левица, кои сакаат да го сменат нашиот пат кон ЕУ и да не испратат во изолација и сиромаштија. Разликата е јасна.
За жал, Левица го зеде ВМРО-ДПМНЕ како заложник. Исто како во деновите на Груевски, кога беа блокирани евроинтеграциите. Денеска повторно закана за нашата иднина доаѓа од страна на Апасиев и Мицкоски. Мора да ги здружиме силите и да не им дозволиме повторно да не блокираат 11 години, како минатиот пат“, порача Кузевска.