
Коцевски вели Крстевска Цалева била назначена поради нарушени меѓучовечки односи
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека нарушените меѓучовечки односи во Вишото јавно обвинителство Скопје биле причина за неговиот предлог Наташа Крстевска Цалева да ја преземе функцијата. Според него, таа е обвинител со интегритет и требало да раководи со обвинителството додека трае оддалечувањето на Мустафа Хајрулахи.
Коцевски нагласи дека Крстевска Цалева не била в.д. шефица, туку одговорна за административни и тековни работи.
„Оваа јавна обвинителка е со интегритет и токму поради тие нарушени меѓучовечки односи, ценев дека најцелисходно е истата да врши одредени работи во Вишото јавно обвинителство Скопје. Тоа не е в.д., туку е обвинител кој што ќе потпишува, ќе прима пошта, ќе распределува и ќе врши тековни работи, затоа што следи извештај, следи завршна сметка и т.н. Значи, мора некој јавен обвинител да врши определени работи и токму затоа“, изјави Коцевски.
По нејзиното барање да биде ослободена од оваа задача, Советот на јавни обвинители ќе одлучува на следната седница. Крстевска Цалева во барањето навела дека сака да се фокусира на предметното работење, бидејќи ѝ недостига искуство за оваа функција.
Одлуката таа да го замени Хајрулахи беше донесена на 10 февруари годинава.