
Кој и „прости“ на вработената која по втор пат краде цитостатици кои чинат од 100 до 5.000 евра?
Министерството за внатрешни работи во својот билтен пред неколку дена информираше дека вработена која работи на Клинички Центар крадела од работното место.
„28-годишна девојка вработена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ е уапсена вчера попладне откако била фатена со лекови кои ги украла од своето работно место“, се вели во билтенот.
Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека А.О. била уапсена, откако во нејзиното возило марка „рено клио“ со скопски регистарски ознаки, биле пронајдени лекови во вид на ампули.
Сепак, МВР не информираше дека се работи за скапи лекови за најризичните групи на пациенти.
Имено, се работи за цитостатици наменети за различни видови на карциноми, кои во аптеката на скопска Клиника за онкологија можат да се најдат по цена од 100 до 5.000 евра, неофицијално дознава Фокус.
За конкретниот случај ќе има и судска постапка за кривично дело „послужување“, а непознато е во колкав временски период вработената ги крадела ампулите, најверојатно за препродавање.
Според Фокус, на вработената медицинска сестра на клиниката оваа кражба не и е прв пат, односно истата е претходно фатена како краде цитостатици.
Таа пред три години била суспендирана од работа, а после шест месеци е вратена на работа.