
Која банка вложи речиси милијарда денари во државни обврзници?
„Стопанска банка Битола“ минатата година ја заврши со раст на нето приходите од камати, благ раст на кредитирањето, значајно зголемено вложување во државни обврзници и што е најважно за акционерите – со добивка од речиси половина милион евра
„Стопанска банка Битола“ има убави вести за своите акционери. Официјалните финансиски показатели од работењето во 2022 година покажуваат дека успеала да го одржи своето пазарно учество во острата кокуренција на средни и мали банки. И при тоа да ги зголеми приходите од камати и да ја заврши годината со профит од речиси половина милион евра.
Најголема приходна ставка, како и кај сите банки се нето приходите од камати кои лани изнесувале 5,45 милиони евра и во споредба со истиот период лани тие се зголемени за одлични 15 отсто, што е резултат за почитување во споредба сo другите банки кои досега ги објавија резултатите од своето работење.
Втората по големина приходна ставка – нето приходите од провизии и надоместоци лани биле на ниво од 2,34 милиони евра. Тоа е за само 5,5 отсто помалку од претходната година.
Нивото на нето приходи од курсни разлики е речиси идентично како и претходната година, а солиден раст од 25 отсто има кај останатите приходи од дејноста кои се на ниво од 578.000 евра.
За истакнување е тоа што банката води континуирана грижа за своите вработени. И лани трошоците за вработените се зголемени за 5 отсто и достигнале износ од 2,85 милиони евра. Тоа е воедно и најголемата трошковна ставка во билансот на успехна банката. Резервациите за кредитирање се на ниво од 1,25 милиони евра.
На страната на билансот на состојба најзначајната промена е во вложувањата на банката во државни обврзници. Тие изнесуваат речиси 20 милиони евра, а во споредбо со истиот период лани се зголемени за 15 милиони евра.
Кредитирањето на крај на 2022 година е на ниво од 115,3 милиони евра и бележи благ раст во споредба со претходната споредбена година.
Депозитната база на „Стопанска банка Битола“ на крај на минатата година изнесува 151,4 милиони евра и е за 5,6 милиони евра помала од претходната година.
Р.Ф.