
Касами се пофали дека вработените во општината земале по 600 евра „јубилејна плата“, два часа откако ревизорите утврдија неправилности таму
Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, се пофали дека вработените за првпат во историјата земале „јубилејна“ плата во висина на просечна плата, односно по 36.000 денари колку што е последната просечна плата според Државниот завод за статистика.
„Вработените во Општина Тетово за првпат зедоа „јубилејна“ плата во висина на просечна плата. Ова се случува за прв пат во историјата на општина Тетово, а можеби дури и во државата.
Ова важи за сите оние кои имаат работно искуство од 10, 20, 30 години или повеќе. Нашата определба за професионална администрација во сервис на граѓаните станува реалност. За многу краток временски период ги зголемивме платите за 2.800 денари, а сега е веќе исплатена и „јубилејна плата„ за подобрување на статусот на вработените во општина Тетово.И во иднина, продолжуваме со истото темпо“, напиша Касами на социјалните мрежи.
Оваа вест е споделена по два часа откако Државниот завод за ревизија го објави извештајот за ревизија во општина Тетово за 2021 година кога во најголем дел, речиси 11 месеци, градоначалничка беше Теута Арифи од ДУИ.
Ревизорите открија незаконски расходи за исплата на разни комисии формирани од страна на Арифи, за што исплатени се средства во износ од 2.170 илјади денари или околу 35.000 евра.
„Членови на комисиите се лица вработени во администрацијата на Општина Тетово, кои покрај работните задачи кои произлегуваат од работните места на кои се распоредени, се задолжени да вршат и дополнителни работи и работни задачи. За дополнителната работа на членовите на комисијата им е утврден надоместок во износ од 5 илјади – 20 илјади денари месечно што не е во согласност со одредбите од
Законот за административни службеници со кои се регулирани надоместоците и висината на истите“, констатираа ревизорите.