
Израелската армија изведува воздушни напади врз Појасот Газа
Израелската армија утринава почна да изведува воздушни напади врз Појасот Газа, откако палестинското исламистичко движење Хамас започна офанзива против еврејската држава, пренесоа светските агенции.
Во кусото соопштение израелската армија потврди дека неколку десетици израелски воени авиони сега се во процес на напади врз цели на Хамас во Појасот Газа.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави за време на состанокот на израелскиот безбедносен кабинет дека Хамас започна војна против Израел и вети дека Израел ќе победи во оваа војна, пренесе Асошиејтед прес.
Галант нагласи дека Хамас направил голема грешка со тоа што рано утринава истрелал масовен ракетен оган од Појасот Газа кон Израел, при што загинал израелски државјанин.
Ова е една од најсериозните ескалации во годините на израелско-палестинскиот конфликт. Покрај тоа, вооружени борци на Хамас ја надминаа граничната ограда меѓу израелската територија и Појасот Газа и навлегоа во израелските општини, наведува АП.