
Хоспитализирано дете во Битола по каснување од куче
Ново каснување во Битола. Имено, денеска кучиња искасаа дете, кое е итно хоспитализирано! За случајот информираше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој истакна дека долгогодишното непостапување од страна на институциите придонесе вознемирувачка вест денес да ги потресе сите битолчани. Тој вели дека веднаш штом ја добил информацијата за каснатото дете кај Стара болница, ги контактирал службите во Клиничка болница во Битола.
„Ги контактирав и родителите на детето, кои ме информираа дека, за среќа, 13 годишното дете е во стабилна состојба. Побарав итно постапување кај Стара болница од страна на фирмата со која општината има склучено договор за заловување и третман на бездомни животни и кои во изминатите 6 месеци имаат третирано 60 кучиња скитници во централното градско подрачје. Не смееме да дозволиме вакви ситуации да ни се повторуваат, независно дали станува збор за дете или возрасен граѓанин. Мораме сите, локалната самоуправа, здруженијата за заштита на животните, полицијата, да делуваме заедно. Повикувам на заедништво и преземање на сите законски мерки од страна на сите чинители.
Како локална самоуправа за десет дена, завршуваме со градежните активности на првата фаза од прифатилиштето за бездомни животни, а наскоро треба да ја добиеме и дозволата од Агенцијата за храна и ветеринарство, за да може општината да започне со директна работа на терен и целосно решавање на овој проблем“, вели Коњановски.
Тој додава дека Општина Битола од 2016 година, со забраната за делување на шинтерската служба, не презела никакви мерки во решавање на овој проблем.
„Верувам дека со сите преземени активности, конечно ќе ставиме крај на овој сериозен проблем. Повикувам и на поголема контрола од страна на полицијата и да не се дозволи испуштање на кучиња скитници во градот, особено од лица кои ги носат од соседните места или други општини. Само сите заедно, можеме да постигнеме брзо и целосно решавање на проблемот“, вели Коњановски.
Со реакција за настанот се огласија и од бититолската СДСМ.
„Господине Коњановски, Скоро две години сте градоначалник, ама никако да го сфатите тоа. Кој треба да преземи институционални мерки за кучињата скитници во Битола, ако не Општината?
Вие ветувавте дека ќе го решите проблемот. ДПМНЕ и Поинаку се локална власт во Битола. ДПМНЕ има градоначалник, Поинаку има претседател на Совет.Молите друг да го реши проблемот, а досега потрошивте над 50 милиони евра од буџетот.Не е грев да сфатите дека не сте способни за функциите кои ги извршувате. Грев е сите други да ги правите будали, а себеси да се амнестирате од одговорност“, стои во реакцијата на СДСМ Битола.