
Хојлунд собори два рекорда и му донесе победа на Јунајтед (ВИДЕО)
Првпат оваа сезона „ѓаволите“ успеаја да врзат четири победи откако денеска го совладаа Лутон како гостин со 2-1. Со тоа ги продолжија надежите за пласман на едно од првите четири места на табелата иако разликата со Астон Вила остана пет бода. Херој на денешниот натпревар беше данскиот напаѓач Расмус Хојлунд кој ги постигна двата гола, а во исто време собори два рекорда.
Резултатот го отвори по само 37 секунди и тоа е најбрз гол во историјата на Манчестер Јунајтед кога станува збор за натпреварите на гости. Во исто време стана најмлад фудбалер во постоењето на клубот кој постигнал барем по еден гол на шест натпревари по ред во Премиер лигата (21 година и 14 дена), престигнувајќи го Џо Вилок кој досега беше рекордер.
Веќе во седмата минута беше 2-0 за Јунајтед откако Гарначо шутираше, топката се одби од Хојлунд и заврши во мрежата на Лутон. Конечниот резултат беше поставен во 14. минута кога Карлтон Морис намали на 1-2. По таков старт се чинеше дека ќе има еден куп голови, но мрежите на двете екипи до крајот мируваа.