
Гувернерката на Народна банка смета дека инфлацијата е ставена под контрола
Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на средбата со заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, нагласи дека инфлацијата е ставена под контрола во Македонија и дека финансискиот систем е стабилен.
Според гувернерката, мерките што ги презеде Народната банка, заедно со намалувањето на цените на примарните производи на светските берзи, придонеле за намалување на инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година на 2,6 отсто во септември.
Таа очекува дека просечната стапка на инфлација во 2024 година ќе биде блиску до проекциите на Народната банка од 3,5 проценти. Ова е слична слика со последните прогнози на ММФ, коишто покажуваат просечна инфлација во 2024 година од 3,3%.
„Со помош на обемниот сет на мерки што ги презема централната банка преку интервенции на девизниот пазар, каматните стапки и задолжителната резерва, како и со макропрудентните мерки, успеавме да се справиме со инфлацијата и да ја зајакнеме стабилноста на банкарскиот систем. Од една страна, се спречи прекумерното задолжување на граѓаните и компаниите, а од друга се зајакна довербата во домашната валута. Овие мерки придонесоа и за зацврстување на билансите на банките, што е основа за задржување на стабилноста и создавање простор за справување со можните неповолни промени“, истакна Ангеловска-Бежоска.