
Градот ја слави титулата: Часовникот во Битола во зелено-бело
Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер ја заокружи сезоната со уште еден блескав успех, освојувајќи ја третата шампионска титула по ред, и уште еднаш ја потврди Битола како еден од најголемите спортски градови во државата. Историската победа над големиот ривал Вардар на негов терен синоќа донесе еуфорија во таборот на зелено-белите.
По повод триумфот, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, упати искрени честитки до ракометарите, стручниот штаб и управата на клубот. Тој ги повика сите битолчани, особено навивачката група „Чкембари“, на голема прослава која ќе се одржи вечерва (8 јуни) со почеток во 20:00 часот, на платото пред Офицерскиот дом.
„Овој успех е повеќе од спортски резултат – тоа е гордост за цела Битола. За оваа генерација ракометари и нивната пожртвуваност ќе се зборува долго. Ве повикувам сите заедно да го прославиме овој историски момент“, изјави Коњановски.
Дополнително, тој најави дека на следната седница на Советот на Општина Битола ќе предложи доделување на награда од 3 милиони денари за Еурофарм Пелистер, како знак на признание за нивниот успех и придонесот во промоцијата на градот, како во земјава така и надвор од неа.
Од Општината упатија благодарност до клубот за огромната радост што му ја приредија на градот и истакнаа дека Еурофарм Пелистер останува симбол на спортската сила и традиција на Битола.