
Европскиот шампион се прошета низ Белград и ја остави Звезда при дното
Иако станува збор за очигледна разлика во квалитетот на двете екипи, во редовите на српскиот првак се надеваа на сензација која ќе им ја сврти сезоната. За такво нешто апсолутно немаше никакви шанси бидејќи со исклучок на првата четвртина, Реал беше убедливо подобар противник.
Воведните десет минути поминаа во израмнета игра и завршија со 20-20, но потоа на сцена стапија Поарие и Родригез кои го затрупаа кошот на домашниот тим и Реал на голем одмор замина со 45-34. Кога веќе го скрши моралот на Звезда, актуелниот европски шампион во второто полувреме не дозволи неговата предност да се симне на едноцифрена вредност.
Марио Хезоња овојпат беше најдобар играч на Реал и постигна дабл дабл со 17 поени и 10 скока. Поарие додаде 14 од кои 12 во втората четвртина, а изненади лошата игра на Кампацо кој за 24 минути постигна три поени, четири скока и две асистенции. Кај Звезда, Митровиќ и Теодосиќ беа најдобри со по 14 поени. По овој пораз, белградскиот тим се врати на 16. позиција на табелата, а зад него се само Алба и Асвел кои имаат едвај две победи сезонава. Реал, се разбира, а убедлив лидер со биланс 14/1.