
„ЌЕ ЈА ОБЕДИНИ ТРАГИЧНО ПОДЕЛЕНАТА НАЦИЈА“: Тахири од Косово вели промени на границите ќе водат кон спојување на Албанците
Поранешната шефица на преговарачкиот тим на Косово во дијалогот со Србија, Едита Тахири, оцени дека евентуалните промени на границите на Балканот би биле „добри за Албанците“, бидејќи, како што рече, „ќе ја обедини (таа) трагично поделената нација“.
Како што пишуваат медиумите во соседно Косово, Тахири на Фејсбук напиша дека „почнале шпекулациите за мировните преговори предводени од Трамп“.
„Шпекулациите на проруските и просрпските аналитичари ја афирмираат идејата за промена на границите, вклучително и на Балканот, поточно меѓу Косово и Србија“, наведе Тахири, пренесува „kossev.info“.
Таа, сепак, вели дека американскиот претседател „многу добро знае дека нема промена на границите само на еден дел од Балканот и тие ќе се менуваат на целиот Балкан, преку мир или војна“.
Според неа, менувањето на границите е добро за Албанците, бидејќи тоа би довело до обединување на „веќе трагичната поделба на албанската нација“.
Сепак, како што пишува овој медиум, ова не е прв пат албанските лидери да зборуваат за обединување, и потсетуваат дека и во минатото со поддршка за оваа идеја се изјасниле повеќе политичари во Косово, но и од Албанија – сите Албанци во една земја.
Во ноември 2021 година, по заедничката седница на Владата на Косово и Албанија, албанскиот премиер Еди Рама исто така изјави дека ќе гласа „За“ обединување и дека обединувањето ќе се случи, но и дека не знае кога би можело да се одржи референдумот за тоа прашање.
Само два дена подоцна, Љибурн Аљиу зборуваше за обединување, наведувајќи дека на тоа постојано се работи „на природен начин“ и дека границата е „само вештачка поделба на две земји“, пренесе Економијата онлајн.
Истовремено, Аљиу на почетокот на декември 2023 година рече дека „Косово е привремен проект и преоден процес во насока на спојување со Албанија“. Изјавите на овој министер предизвикаа бројни негативни реакции кај косовската опозиција.
Покрај членството на Косово во НАТО и ЕУ, обединувањето со Албанија беше столбот на надворешната политика што ја водеше лидерот на ААК Рамуш Харадинај во предизборната кампања во 2021 година. Тој дури изрази уверување дека „сојузниците на Косово“ ќе поддржат таков чекор.
Сепак, тамошните медиуми потсетуваат и на изјавите на американските претставници.
„Американските војници не се бореа – а некои од нив загинаа – за создавање на Голема Србија и Голема Албанија на Балканот“, одговори поранешниот американски амбасадор во Приштина, Филип Коснет.
САД не поддржуваат ниту „Голема Албанија“ ниту „Голема Србија“, на крајот на летото 2023 година во разговор со новинарите во Приштина изјави актуелниот американски амбасадор Џефри Ховениер.
Фото: Принтскрин/Фејсбук